2020та звучеше ветувачки… Ја дочекавме со широко отворени раце и со големи очекувања, но наместо харизматична добивме хаотична година. Животот одеднаш стана драстично поинаков, чувствата на збунетост и неизвесност беа неизбежни. Сепак, не многу подоцна, кај повеќето од нас се случи значајна промена.
Збунетоста се претвори во јасност дека многу работи ќе се променат. Неизвесноста се преточи во сигурност дека кога тогаш ќе го поминеме ова. Се пробуди и чувството на одговорност спрема најблиските и солидарност кон останатите.
Полека но сигурно се соочивме со фактот дека ова е нашиот нов начин на живот и дека мораме да продолжиме да функционираме. При соочувањето согледавме дека човештвото оди напред, односно желбата за решение постои, напорот за да се реализира е присутен и дека сигурно ќе го дочекаме.
Затоа решивме да го извлечеме најдоброто од ситуацијата. Ви ги претставуваме нашите клучни АХА моменти кои ни донесоа оптимизам во текот на пандемијата.
1. Работата од дома може да биде еднакво продуктивна како и од канцеларија
Флексибилноста во однос на работно место е нешто кое и претходно сме го практикувале, но секогаш надвладувала мислата дека е подобро кога сме физички присутни. Пандемијата не натера да си го промениме мислењето. Во периодот кога почнавме да работиме од дома сфативме дека доколку постои добра организираност, продуктивноста всушност останува иста. Истото го увидовме и во многу други индустрии и типови на професии. Работни обврски кои дотогаш беа незамисливи да се извршуваат од дома, одеднаш станаа реалност.
Оваа промена значи дека човечштвото се придвижува кон дигитално номадство и дека пандемијата даде придонес во рушењето на строгиот пристап спрема флексибилноста на работното место, особено во сектори како банкарскиот или во системи како образовниот. Во годините кои следуваат очекуваме значајно поместување на работните норми и воспоставување на подобар баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот, а со тоа ќе се постигне подобар квалитет на живот и повеќе време за семејството.
2. Дигиталниот свет стана еднакво важен колку и реалниот
Како маркетери, постојано сме онлајн. Иако дигиталното присутство претставува голем дел од нашето секојдневие, ќе се согласиме дека прекумерната употреба на социјалните мрежи беше често поврзувана со одалечување од реалниот свет. Правилото гласеше, колку си поприсутен на интернет, толку си поотсутен во реалноста. Кој би рекол дека тоа ќе се промени. Одеднаш социјалните мрежи и апликациите за четување станаа основен начин на комуникација кој ни помогна да останеме поврзани. Секако помладите генерации и претходно беа свесни за погодноста на социјалните мрежи и знаеа дека нивната употреба носи повеќе позитивни отколку негативни последици.
Она што е важно да се нагласи е дека постарите генерации ја сфатија значајноста поврзана со употребата на социјални мрежи и општата дигитална писменост. Сѐ повеќе користат видео чет за да останат поврзани со најблиските. Не покажуваат толкава аверзија кон технологијата како порано. Родителите почнаа да ги согледуваат бенефитите од гејмингот и конечно се сруши мисконцепцијата дека видео игрите делуваат негативно врз развојот на децата. Дополнително, сѐ повеќе компании отворија електронски продавници и овозможија достава на своите производи, што исто така е позитивна работа во насока на дигитализацијата.
3. Бизнисите кои и понатаму вложуваат во маркетинг, се во поголема добивка
Неминовна работа со која се соочија поголемиот дел компании е пад на профитот. За жал многу бизниси ставија клуч на врата, додека некои продолжија да се борат и успеаа да го извлечат најдоброто од ситуацијата. Увидовме дека иако многу бизниси настрадаа, оние кои го задржаа маркетингот како помошна алатка помалку изгубија отколку оние кои го отфрлија. Постои еден мошне охрабрувачки момент, а тоа е дека маркетингот секогаш еволуира според ситуацијата. Сферата е како жива материја и според трендовите за 2021 очекувајте доста новитети кои ќе служат како стратегиска потпора при промоција на производи и услуги во време на пандемија, односно криза.
Затоа советуваме да не се откажете од вложувањето во маркетингот, бидејќи секогаш постои решение кое може да се имплементира. Доколку компаниите одлучат да ги скратат трошоците со тоа што значително ќе го намалат буџетот за маркетинг, многу повеќе ќе изгубат отколку оние кои ќе одлучат “да го зграпчат денот”.
4. Пандемијата поттикна ултра креативно и иновативно движење
Креативното размислување е човечка карактеристика која особено добро нѐ служи кога е во прашање разрешувањето на значајни предизвици. Во услови на криза, гледаме дека луѓето постојано наоѓаат креативни решенија, но не само во поглед на професионален план, туку и на општествен. Добар пример се компаниите од текстилната индустрија кои покрај редовниот асортиман на облека почнаа да произведуваат текстилни маски во секакви бои и шари. Овој пристап од една страна им помага на бизнисите да продолжат со остварување профит додека од друга страна покажуваат општествена одговорност со тоа што нудат производ кој обезбедува заштита.
Понатаму, Colivery е германска платформа која им овозможува на граѓаните да се пријават како волонтери со цел да им помогнат на изнемоштените лица кои во голема мера се заразени или повозрасни и имаат потреба од логистичка помош како снабдување со храна, лекови и останати материјални добра кои се неопходни за оние кои се во самоизолација или домашно лекување.
Друга мошне корисна апликација е GGtude која служи како помош при услови на криза како пандемијата односно претставува алатка за негување на психичкото и емоционалното здравје.
Поради кризата, многу граѓани останаа без работа и поради тоа просечниот семеен приход значително се намали. Во вистинско време се појавија Ways2Help кои се македонска платформа чија цел е да им помогне токму на оние семејства кои се најпогодени. Преку платформата може да донирате облека, храна, техника, да платите нечија сметка за струја или да се пријавите како волонтер.
Постојат безброј позитивни приказни за бизниси и организации кои успеаа и придонесоа, кои го употребија своето креативно видување и го придвижија пазарот кон новитети и иновации кои без кризата сигурно би се појавиле многу подоцна.
5. Едукативните кампањи никогаш не биле поважни
Кога во светот се случува нешто застрашувачко, логично е да предизвика нејаснотии кај голем број индивидуи, кои одлучуваат да ја претстават својата вистина во јавноста без разлика дали се работи за факт или фикција. Секој од нас има прочитано бар една информација која навидум започнала како теорија на заговор и на крај завршила како вистина за голем дел од светската популација. “Вирусот не постои”, “Носењето маска го намалува внесувањето на кислород”, “Преку вакцинација ќе не чипираат”, се само мал дел од сензационалистичките наслови кои ги преплавија социјалните мрежи.
Масовноста на овие лажни вести предизвика паника кај многу луѓе кои се приклучија во споделување на истите. Затоа сакаме да ја нагласиме важноста на едукативните кампањи со кои се послужија многу компании и институции со цел да се согледа вистината и да се врати достоинството кај научната фела.
Преку кампањи од типот на “Носете маска, заштитете се себеси и останатите” се подига свеста и информираноста кај народот, а во исто време се охрабрува солидарно однесување кое е полезно за сите.
На тапет се и гигантите како Фејсбук, кои се соочија со голем број осуди бидејќи не прават доволно за да се справат со лажните вести. Во 2021 очекуваме дека ќе се излезе со доволно добри решенија и ќе се спречи или во најмала рака намали ширењето на ваквиот тип информации.
Ова е само мал дел од големата слика, која доколку се потрудиме можеме да ја согледаме со доза оптимизам. Точно е, нема да биде исто, но веруваме дека ќе го извлечеме најдоброто и ќе станеме подобри луѓе.
Да продолжиме да си го чуваме имунитетот и здравјето, да останеме солидарни спрема останатите преку применување на препораките за заштита и безбедност, да имаме верба во науката и да не заборавиме дека како цивилизација ја имаме моќта да најдеме решение за секој проблем!
Александра Коложег Гиевска
Ко-основач на MOTION